„Хамилтон е за многу милји подобар од Шумахер!“

Ретко кој се дрзнува да го оспори Михаел Шумахер, не само од куртоазија поради неговата тешка здравствена состојба во последните пет години, туку и поради големината на рекордните седум титули во Ф1. Сепак, еден од неговите ривали од 90-тите, Жак Вилнев, отворено го кажа своето мислење за него, споредувајќи го со Луис Хамилтон.

Жак Вилнев е шампион во Формула 1 од 1997 година и има авторитет да зборува и да рангира меѓу своите колеги. Во интервју за „Ројтерс“, без да се воздржува си кажа дека за него Луис Хамилтон е многу поголем шампион од Михаел Шумахер

„Би го оценил Хамилтон над Шумахер и тоа за милји над него. Имаше премногу негативни приказни, премногу прашалници за тоа како некои трки или сезони беа освојувани, а да се биде голем шампион е повеќе од само победување на трки“, вели Канаѓанецот.

Ова со прашалниците и „нечистотијата“ се однесуваше за Шумахер, а потоа продолжи за Хамилтон, велејќи колку му се допаѓа тоа што ги третира колегите со респект.

„Кај Хамилтон нема негативност. Може да го сакате или не каков е во реалниот живот, но нема ништо нечисто или негативно околу тоа. Нема ништо нечисто кон противниците. Тој ги почитува противниците. Нема прашалник за тоа дали тој мами или не? Дали играл валкано? Тоа прави голема разлика. Таков треба да биде секој шампион. Не треба да биде само неутрален“, дополни Вилнев.

Тој самиот имаше остри односи и инциденти на патеката со Шумахер, па затоа ова мислење е малку посилно акцентирано. Исто така додаде дека Хамилтон, многу веројатно, ќе го надмине Шумахер во неговите рекордни седум титули. Британецот засега има четири, а петтата има шанси да ја осигура веќе вечерва, на трката за големата награда на САД. За тоа само ќе му биде потребно да освои осум бода повеќе од Фетел.