Ферстапен: Ред Бул е еден од претендентите за титула, приоритет ми е подиумот!

Еден од најдобрите пилоти на денешницата, Макс Ферстапен, искрено верува дека со болидот на Ред Бул ќе се бори за подиум на секоја трка во новата сезона во Формула 1 која стартува наредниот месец.

Минатата година Холанѓанецот го имаше најдобриот резултат во својата кариера и го зазема третото место во генералниот пласман. Тој успеа девет пати да се искачи на подиумот, од кои три пати на првото место.

Ќе се обидеме да бидеме подобри оваа година. Сакаме да бидеме претенденти за титулата. Минатата сезона на некои трки не можевме да наметнеме борба – во овој случај се обидовме да освоиме бодови. Се надевам дека од оваа година секогаш ќе се бориме барем за подиумот. Да речеме дека најлошото сценарио е борбата за третото место. Треба да се осигураме дека работевме напорно во текот на зимата и направивме најголем напредок. Веќе на предсезонските тестови ќе видиме што се случило. Сè уште е тешко да се предвиди нешто, но правиме сè што е во наша моќ. Од моја страна, треба да бидам подготвен да дадам резултат. Мислам дека сè оди добро. Невозможно е да се постигне идеалот и да се помине сезоната без грешки, но треба да се обидеме да се приближиме што е можно поблизу до ова, истакна Ферстапен.