Ферари го продолжи договорот со Шарл Леклер, ама - не кажа до кога!
Возачот од Монако е дел од славниот италијански тим од 2019 година, а во болидот на Ферари досега настапи на 155 трки и оствари осум победи. Од тимот не открија колку ќе трае новиот договор, но Леклер не ја криеше среќата по продолжувањето на соработката.
„Заедно поминавме неверојатни моменти, но и тешки периоди. Верувам во овој тим повеќе од кога било и исклучително сум благодарен што ќе продолжиме заедно да се бориме за нашата заедничка цел – враќање на шампионската титула во Маранело“, изјави Леклер.
Тој потенцираше дека да се биде возач на Ферари е исполнување на детскиот сон, но и огромна одговорност.
„Никогаш не ја земам здраво за готово можноста да го претставувам Ферари. Ќе продолжам да давам сè од себе за тимот повторно да биде таму каде што припаѓа – на самиот врв“, порача 28-годишниот ас.
Леклер моментно се наоѓа на третото место во генералниот пласман кај возачите во актуелната сезона на Формула 1. Следниот предизвик во шампионатот е трката за Големата награда на Монако, која ќе се вози на 7 јуни.