Ф1 има пост-корона план: Стартот во јули и сезона со 15-18 трки на четири континенти!

Челниците на формула еден-циркусот во истиот ден кога го објавија дефинитивното откажување на Големата награда на Франција, го објавија и амбициозниот план на скусената сезона поради пандемијата со коронавирусот, која би стартувала во Австрија.

Оваа трка би се возела во првиот викенд од јули, по што би се продолжило со европски трки и во август и септември. Во следните три месеци болидите би се натпреварувале во Евроазија, Азија и двете Америки, додека сезоната би финиширала во Персискиот залив со пресметките во Бахреин и традиционалниот крај во Абу Даби. Планот е да се финишираат 15-18 трки, а целосниот календар би се објавил дополнително.

Според првиот човек на Ф1, Чејс Кери, првите трки од новиот шампионат би се возеле без публика на трибините, но се очекува тие да се вратат на своите позиции во продолжението, кога ќе го дозволи тоа борбата против болеста Ковид-19.