„Да ги споите Сена и Шумахер ви е како да си пукате во сопствената нога“

Претседателот на Ферари од 90-тите, Лука Ди Монтеѕемоло, откри интересни детали од раните години на таа декада, како на пример колку блиску бил Аиртон Сена до потпишување со Ферари.

Монтеѕемоло вели дека разговарал со Сена непосредно пред несреќата во Имола (1 мај 1994), само неколку дена. Тогаш Бразилецот му кажал дека е несреќен во Вилијамс и дека размислува на трансфер.

„Тој дојде во мојата куќа во Болоња неколку дена пред несреќата во Имола и ми кажа дека сака да вози за нас по секоја цена, да си замине од Вилијамс. Се договоривме да зборуваме по трката во Имола, но таму се случи тоа што се случи. Важно, тој сакаше да дојде и ние ќе бевме среќни да го имаме. Ќе беше шлаг на тимот, нешто како Михаел неколку години подоцна“, изјави Монтеѕемоло во интервју за „Скај Италија“.

Меѓутоа, го прашаа дали тоа ќе значеше дека Ферари ќе ги имаше во ист момент Сена и Шумахер. Да не се случеше фаталната несреќа во Имола, Сена би дошол во Ферари во 1995 година, а Шумахер ја почна својата ера во 1996.

„Тоа е убав сон, но ќе беше исто како да си пукаме во сопствената нога. Ќе беше голем хит, но немаше да биде добро за Ферари. Со две ѕвезди на тоа ниво не се победува“, се изјасни Монтеѕемоло.

На тој начин, остави простор за заклучокот дека ако Сена дојдеше во Ферари, Шумахер немаше да се најде на вистинското место во вистинското време и, можеби, неговите вонсериски квалитети немаше да блеснат во истиот сјај. Мнозинството во Ферари и онака беше скептично за доаѓањето на младиот Германец од Бенетон во 1996, на инсистирање токму на Монтеѕемоло, а со присуството на Сена во тимот, тоа можеби и немало да се случи.

Сена стана дел од Вилијамс во 1994 година, а токму тогаш беше забранет изумот на Вилијамс за „активна суспензија“, па од доминантен на асфалтот, британскиот тим се мачеше со балансот на болидот. Тоа го натерало Сена да зажали за трансферот од Мекларен и да се обрати во Ферари, но за жал, историјата имаше црни планови за него.