Во Звезда исплашени од Левандовски и Флик - последниот пат кога гостуваа им ја наполнија мрежата

Утре Црвена Звезда ја пречекува Барселона во четвртото коло од Лигата на шампионите, а сите во белградскиот клуб, вклучувајќи ги и навивачите се исплашени од можен дебакл.

Не само поради страшната форма во која се наоѓа каталонскиот гигант, туку и поради спомените кои ги врзуваат со првиот шпиц во тимот Роберт Левандовски и тренерот Ханси Флик. Двајцата соработуваа во Баерн во 2019 година кога германскиот тим гостуваше на „Маракана“ и помина како фурија.

Конечниот резултат на 26 ноември 2019 година беше 6-0 за Баерн, а големи се изгледите и утре да биде така, ако се знае дека Левандовски гази оваа сезона, а Барса на последните шест меча има гол-разлика 24-3 и притоа играше против гиганти како Баерн и Реал. 

На последното гостување кај Звезда, Левандовски постигна четири гола и тоа во период од само 15 минути, од 53. до 68. Другите два гола беа дело на Горецка и Толисо.Таа сезона, која беше привремено прекината поради корона пандемијата, Баерн моќно ја освои титулата во Лигата на шампионите.