Македонскиот вицепрвак Вардар го одржа последниот тренинг пред утрешната пресметка со Пјуник во реванш мечот од првото коло во квалификациите во Лига Европа, на кој ќе бркаат негатива од еден гол и ќе атакуваат на сигурна победа која ќе им овозможи продолжување на летната авантура во најмасовното натпреварување на Стариот континет.

Вардарци расположени и полни со оптимизам го одработија тренингот под палката на Александар Васоски, кој ќе го води овој меч откако црвено-црните решија да ја прекинат соработката со доскорешниот шеф на стручниот штаб Бобан Бабунски.

Поранешниот вардаров фудбалер Васоски, кој пет години играше за црвено-црните, првпат добива шанса да ги води црвено-црните самостојно, откако во изминатите скоро пет години беше помошник на сите тренери на најтрофејниот клуб.