Вардар ако ја мине Лозана може да налета на Партизан, Хајдук, Спарта Прага...

Црвено-црните ја завршија првата европска задача за оваа сезона, ја минаа екипата на Ла Фиорита и ја остварија целта, сега следуваат многу посериозни противници во квалификациите од Конференциската лига.

Наредниот противник на Вардар е Лозана, Швајцарците ќе бидат голем фаворит во оваа пресметка, но ако македонскиот тим направи изненадување и успее да мине, веќе знае кои можат да му бидат можни противници.

Вардар при ждрепката за третото квалификациско коло би бил во групата на неносители, а како противници може да добие некој од АЗ Алкмар, Спарта Прага, Партизан, АЕК Атина, Хајдук...

Ждрепката за 3. квалификациско коло во Конференциската лига е закажана за понеделник, 21. јули од 14 часот.

Но, она што е најважно за Вардар почнува три дена подоцна, а тоа е пресметката со Лозана. Првиот меч се игра на Градски на 24 јули, а реваншот е седум дена подоцна во Швајцарија.