Украинец ќе му суди на Вардар на последниот меч во Лига Европа

Украинскиот судија Серхи Боико ќе ја дели правдата на последниот меч на македонскиот шампион Вардар во групната фаза во Лига Европа, в четврток на Националната Арена „Филип Втори“ од 21.05 часот.

За Боико ова ќе му биде петти пат како суди на македонски клуб или репрезентација, а последен пат ѝ судел на тетовска Шкендија и тоа на мечот со Гент во Белгија во плејоф-колото во квалификациите за Лига Европа во Белгија, кога тетовските црвено-црни загубија со 1-2. Претходно во 2013 година судел на квалификациски меч на селекциите до 21 година помеѓу Македонија и Србија, кој завршил со реми 1-1, а во 2011 година судел на два меча во квалфикации на селекцијата до 19 години во кои Македонија двапати загуби од Турција (1-3) и од Унгарија (2-4).

На Боико ќе му помагаат сонародниците Влодимир Володин и Олександр Корнијко како помошници, а дополнителни судии зад головите ќе бидат Јевен Арановскиј и Анатолиј Абдула. Четврти судија на мечот е Семен Шлончак.

Вардар против Розенборг ќе ги брка првите бодови во дебитантската сезона во Лига Европа со цел да не биде меѓу петте најслаби тимови во историјата на ова натпреварување. На привот меч помеѓу овие два тима во Трондхајм, Розенборг победи со 3-1, а мечот го одбележа евроголот на Хуан Фелипе, кој постигна мајсторски гол со лоб – историски прв гол за Вардар во големото друштво.