УЕФА ги објави потенцијалните ривали на Шкендија за третото коло во Лига Европа

Македонскиот шампион Шкендија можно е да добие реванш против Номе Калју во третото квалификациско коло во „шампионската група“ за Лига Европа, ама може да добие и исклучително тешки ривали и да не го дочека плејофот во кој учествува три години по ред, откако УЕФА ги скрати групите и ги објави потенцијалните ривали за ждрепката в понеделник.

Тетовци, кои уште во првото коло во ЛШ испаднаа од естонски Номе, сега продолжуваат во второто коло во кое веќе во вторник противник им е луксембуршки Дуделанж (17 часот). Црвено-црните се најдоа во втората група како неносители.

Сега потенцијални ривали им се елиминираните клубови од двомечите во второто коло во Лигата на шампионите и тоа: Селтик или Номе Калју, БАТЕ Борисов или Розенборг, Дундалк или Карабах, Марибор или АИК Стокхолм и Ференцварош или Валета.

Ждрепката е во 12.25 часот в понеделник во Нион, веднаш по таа за третото коло во ЛШ. Мечевите се закажани за 8 август и 15 август.