Турција е фудбалски моќна, ама против Македонци победа – нема!

Турција е фудбалски моќна, три елитни клуба секоја година се дел од групите во Европа, се трошат стотици милиони евра за засилувања, но низ историјата против Македонци, парите и моќта не играле улога, затоа што тие досега не победиле на ниту еден меч со нашите екипи. Вардар вечерва е трет што ќе се соочи со турски клуб во европските натпреварувања, Фенербахче е противник вечерва на Националната Арена, а црвено-црните имаат шанса да ја продолжат традицијата.

Најтрофејниот македонски клуб ја има втората шанса да испише историја, откако пред две недели ја пропушти првата и полесна задача во Копенхаген, каде 20 минути ги делеа со играч повеќе од веќе заверен пласман во групите во Лига Европа. Сега, црвено-црните по потешкиот пат ќе се обидат да стигнат до европска есен, а пречка е моќниот Фенербахче, со Роберто Солдадо, Метју Валбуена, Набил Дирар, Мартин Шкртел, Мехмет Топал, Маурисио Исла...

Досега во историјата два македонски клубови играле против турски екипи и не само што победиле дома, туку и ги минале во својата квалификациска рунда. Последен што тоа го направи е соседот на Вардар, Работнички во третото коло за Лига Евопа против фаворизираниот Трабзонспор. Членот на големата четворка во турскиот фудбал беше еднакво фаворит како што е Фенербахче денеска со Вардар, но дебармаалци успеаа да го победат во Скопје со 1-0, а потоа по продолженија и да го минат на патот кон плејофот по голот на Кире Маркоски во второто продолжение од мечот.

Прилепска Победа пред 16 години беше прва што мина турски тим, во Интертото купот. Тогаш во второто коло, прилепчани се судрија со Ризеспор и двапати го победија, прво со 2-1 дома, а потоа и со 2-0 на гости за да обезбедат трето коло во натпреварувањето, кое УЕФА подоцна го спои како квалификациски рунди на стартот со најмасовното натпреварување.

Пред Вардар сега е шанса да ја продолжи традицијата, а а иако Фенербахче е гигант, кој лани беше подобар во групите и од Манчестер јунајтед, актуелниот освојувач на пехарот во Лига Европа, црвено-црните со новиот тренер Чедомир Јаневски ќе се обиде да направи сензација со што ќе се испише историјата на македонскиот фудбал.

За разлика од клупските натпреварувања, на репрезентативно ниво, Македонија има само една победа во осум меча и тоа на пријателски дуел во 2006 година, кога триумфиравме со 1-0. Уште двапати ремизиравме, во 2001 со 3-3 во квалификациите за СП 2001 и неодамна во јуни без голови во пријателски меч. Пет пати македонската репрезентација загубила во пресметките со Турците.