Тотнем и Мурињо ќе ја наполнат касата на Шкендија со – милион евра?

Поранешниот македонски шампион Шкендија после ланската бламажа во Европа, сезонава покажа дека е единствениот вистински репрезент на македонскиот фудбал на меѓународна сцена кога веќе најуспешниот Вардар поради финансиски проблеми втора година по ред не успева да излезе во Европа.

Тетовци успеаја со две победи без примен гол да стигнат до третото коло и да ја освојат „премијата“ наречена – Тотнем. Лондонскиот премиерлигашки гигант, предводен од Жозе Мурињо, со Хери Кејн, Сон, Ндомбеле, Лорис и останатите ѕвезди, кој лани во Мадрид играше финале во Лигата на шампионите.

И токму Тотнем сега ептен ќе ја наполни касата на тетовци, зашто нивното гостување, веројатно ќе донесе милионски прилив од ТВ-правата за мечот, па Шкендија практично со тој меч и со успесите досега ќе си го извади планираниот буџет за оваа сеозна, па дури и ќе има и профит од сето тоа. Шкендија со самиот пласман во третото коло во евроквалификациите има осигурани 780.000 евра, што е половина од нивниот буџет, кој според сите најави, за оваа сезона е сериозно намален во Тетово и изнесува 1,5 милиони евра.

Но, приходите како премии од УЕФА за подолгиот настап на европска сцена, за Шкендија би биле ништо, бидејќи од Тотнем ќе заработат само за 90 минути многу повеќе. Одамна е познато дека англиските и германските клубови имаат најскапи ТВ-права, а на Островот има жестока тепачка кој да ги пренесува настапите на нивните клубови во европските натпреварувања. Затоа и Бритиш Телеком за новиот петгодишен циклус веќе платил над една милијарда евра (900 милиони фунти) за да ги пренесува настапите во ЛШ и Лига Европа, победувајќи го британски „Скај“ и ИТВ во таа битка за ТВ-правата.

Бидејќи станува збор за квалификации, овие мечеви не влегуваат во маркетпулот на УЕФА, па клубовите сами ги продаваат телевизиските права и сега Шкендија може да очекува милионска заработка, особено во овој период на корона-криза, кога навивачите немаат друг избор освен својот клуб да го гледаат на малите екрани. Оттаму, во Тетово сериозно тријат раце, бидејќи сега добро ќе го наплатат гостувањето на Тотнем и Мурињо, кое за жал ќе биде пред празни трибини.

Шкендија во тој сегмент очигледно ќе загуби сериозна сума на пари, зашто во нормални околности, стадионот сигурно би се наполнил поради атрактивниот противник, но затоа касата нема да остане празна за гостувањето на лондончани. Колку точно ќе заработи Шкендија од ТВ-правата ќе биде познато допрва, но тоа што е сигурно дека приходот само од пресметката со Тотнем воопшто нема да биде мала - се прогнозира дека ТВ правата за дуелот ќе чинат минимум еден милион евра.