Еузебио ди Франческо - генијалецот кој ја „распарчи“ непобедливата Барселона

Барселона лани против ПСЖ го направи најголемиот кам-бек во историјата на елиминациските натпревари во Лигата на шампионите, но синоќа на „Олимпико“ почувствува како е да се биде на другата страна од сензацијата. 

Рома одигра перфектен натпревар, можеби најдобриот во последната деценија и заслужено славеше со 3-0 против дотогаш непобедливата Барселона. Малку работи и одеа во прилог на „римската волчица“, особено по поразот од 4-1 на „Камп Ноу“. Не играа Италијанците толку лошо, колку што покажува резултатот, но негативата беше огромна. Тука се надоврза и поразот од Фиорентина во Серија А од 0-2, па веројатно и затоа никој не и даваше шанси на Рома за прогрес во полуфиналето во Лигата на шампионите.

Еден човек очигледно веруваше. Оној најважниот, тренерот. Еузебио ди Франческо ги добива најголеми аплаузи, бидејќи успеа да креира тактика да ја надигра Барселона, како малку тренери изминативе години. На една рака можат да се избројат поразите на Барселона со вака доминантна игра на противникот. По секој постигнат гол, фудбалерите и навивачите паѓаа во транс, но само Ди Франческо беше смирен и веднаш делеше совети. 

По двата порази по ред, на Ди Франческо му беше јасно дека нешто мора да се менува во тимот и тоа брзо. Па реши да ја промени формацијата од 4-3-3 во 3-5-2. Им нареди на шпицовите Един Џеко и Патрик Шик да прават силен притисок на дефанзивците на Барселона, кои синоќа одиграа катастрофално лошо. Го изолираше Лионел Меси, со помош на Александар Коларов и Жуан Жезус, а тука беше и капитенот Даниеле де Роси, кој поправеше се што дефанзивците ќе пропуштат.

„По двата порази не можев да заспијам до пет часот наутро,  а бидејќи сум лудак станав и почнав да ја проучувам тактиката за реваншот против Барселона. Одлучив дека мореме да ги притиснеме силно. Да не успеев веројатно сега ќе ме 'убиевте'“, изјави Ди Франческо на прес-конференцијата по синоќешниот дуел во ЛШ.

„Мислам дека на првиот натпревар одигравме за оцена 6,5, а сега за чиста десетка. Ги прифаќам критиките кога играме лошо, а сега со радост ќе ги прифатам комплиментите. Јас не измислив никаков нов систем, туку нова филозофија. Бев позитивен по поразот на првиот натпревар и успеав на играчите да им ја пренесам вербата во добар резултат“, додаде Италијанецот.

Тренерот на „волчицата“ не се задоволува само со елиминацијата на Барселона, туку веќе размислува и на финалето во Киев.

„Тактиката ни беше совршена. Тимски одигравме перфектен натпревар. Тука не се работи за никаква среќа, ова беше потполно заслужена победа против тим кој сезонава не загуби ниту еднаш во првенството и Лигата на шампиони. Но, не смееме да се задоволиме само со ова, што често се случува во Рим. Зошто да застанеме? Мојата цел е финале во Киев. Јас верувам во тоа и сакам играчите исто така да веруваат во тоа“, заврши предводникот на Рома. 

Еузебио ди Франческо минатото лето седна на клупата на „Олимпико“ во еден од најкомплицираните моменти за клубот. Франческо Тоти се повлече од фудбалот, Мохамед Салах беше продаден во Ливерпул, а филозофијата на новиот спортски директор Мончи, беше купување на ефтини играчи. Ди Франческо имаше тешка задача да држи чекор со Јувентус, а игрите топло-ладно не му помогнаа премногу да ја придобие довербата на навивачите на Рома. Имаше неговиот тим и блескави серии и фантастични натпревари како оној на „Стемфорд Бриџ“ против Челси (3-3), но имаше и големи киксови и падови во текот на сезоната. Сепак, по синоќешната игра веројатно си ја зацврсти својата позиција во клубот.  

Како фудбалер знае што значи да се биде дел од Рома, бидејќи за овој клуб настапи 129 натпревари, а во 2001 година го освои и последното „скудето“. Негова препорака за клупата во Рим беше фантастичната работа во Сасуоло. Тим кој од Серија Б успеа да го однесе дури до групната фаза во Лигата на Европа. Лани Сасуоло испадна по групите, но интересен е фактот дека го совлада Атлетик Билбао со 3-0 на свој терен, а тренер на баскискиот клуб беше Ернесто Валверде, сегашниот предводник на Барселона.

Рома во својата богата историја има само едно финале во Лигата на шампиони и тоа во 1984 година. Тогаш на својот „Олимпико“ загуби од Ливерпул на пенали, откако по регуларниот дел и продолженијата беше 1-1. Можеби историјата ќе сака да се повтори и во оваа 2018 година Рома ќе добие шанса за реванш и тоа токму против Ливерпул, само што овој пат тоа би било на „Олимпискиот стадион“ во Киев.