Сите ултраси на ова ќе се израдуваат: УЕФА ќе дозволи пиро-шоуа на стадионите?

Користењето на пиротехника на стадионите, од факли, чадни бомби и друг арсенал на пиротехника наскоро може да биде дозволено и на европските мечеви, на радост на сите ултраси низ Европа, зашто Европската фудбалска унија (УЕФА) сериозно размислува за да ги укине сите забрани.

Веќе со децении УЕФА не дозволува користење на пиротехника, па со жестоки парични казни ги казнува клубовите чии навивачи користат било каков вид на пиротехнички средства. Но, според грчкиот новинар Никос Коцис, кого го нарекуваат „грчкиот Фабрицио Романо“ и има добри извори во Нион, УЕФА сериозно размислува да ги укине ваквите забрани после едно сериозно истражување кое европската централа го направила почнувајќи од 2017 година.

УЕФА на 1 декември 2017 година нарачала независно исгтражување во кое заклучокот бил дека употребата на пиротехника не е безбедна за навивачите, како и за тимовите и самите објекти, но сега приказната во Нион е променета, па употребаша на пширотехника е „релативно прифатлива“.

Според тие информации дека УЕФА може да дозволи пиротехника, наводно ќе се дозволи пиро-шоу на стадионите под одредени услови и според посебни безбедносни правила кои веќе се разработуваат. А, сето тоа е зашто без оглед што УЕФА досега го казнувала секое употребување на пиротехника, ефектот не е никаков. Клубовите се казнуваат, а навивачите и понатаму си палат разно-разни пиротехнички средства и на крај одговорноста е само во „осиромашување на клубовите“ со плаќањето на тие казни.

Очигледно во Нион се вразумиле кога сфатиле дека строгата забрана нема ефект, па сега се разработува планот во кој ќе има одредени делови каде што ќе може да се направи пиротехничко шоу, но нема да може да се пали пиротехника насекаде на стадионот. На тој начин навивачите ќе може да имаат потполно шоу не само со кореографиите, а за почеток е најавен некаков пилот-проект кој добрва централата треба да го обзнани.

Што сѐ од пиротехника ќе биде дозволено, колкаво количество, кога и како би се употребувало допрва ќе треба да се посочи.

Инаку пред две години во Скопје имаше конференција за безбедност во присуство на првиот човек на комитетот за безбедност на УЕФА, Мишел Ван Праг, околу штетноста за употреба на пиротехниката и можните повреди на сите на стадионите за нејзино користење.