
Рингов: Шкупи нема квалитет за да го мине Динамо, ги видовме на Гибралтар!
Динамо е апсолутен фаворит, „модрите“ веќе со години играат групни фази во Европа, во последно време и дочекуваат и европска пролет, вистинска фабрика се за пари од трансфери (една милијарда во последните 17-18 години) и Рингов за „Спортске Новости“ посочи дека не гледа како чаирчани би можеле да го поминат моментно најдобриот клуб во регионов заедно со белградска Црвена Звезда, која има серија во последните пет години со многу забележителни европски настапи.
Според Рингов, разликата од хрватската лига до македонската е десет класи, а залажување е да се гледа дека македонскиот фудбал е добар само преку одличните настапи на репрезентацијата.
„Не знам дали треба да се напише, ама Динамо е за неколку класи подобар од Шкупи. Македонската лига е толку слаба, што не може ни да се споредуваат двата клуба. Хајдук пред две години играше со Ренова и видовте колкава е разликата. ХНЛ е десет пати подобар од македонската Прва лига и логично е дека нашиот првак не може да му конкурира на хрватскиот. Реално, не гледам како Динамо би испаднал од Шкупи. Македонската репрезентација е друга приказна, имаше успешни резултати, се погоди генерацијата, егизистира од младинските денови, но не може да се споредува репрезентацијата со клупскиот фудбал“, вели Рингов.
Тој додава дека Шкупи е силен за Македонија, ама нема квалитет за Европа, па Гоце Седлоски може најмногу да ги мотивира пулените да бидат борбени и да дадат сѐ од себе, ама тоа не носи победа.
„Шкупи не треба да биде проблем за Динамо, ростерот кој го има Гоце Седлоски нема квалитет да игра против Динамо, а ете едвај го поминаа друштвото од Гибралтар. Седлоски може го познава Динамо, но тоа нема многу да му помогне сега. Нема тимот таков квалитет да се бори до крајни граници, а единствено може да им каже на фудбалерите: 'борете се, играјте најдобро што можете и дајте сѐ од себе'. Ама со борбеност не се добиваат мечеви“, додава Рингов.
Легендарното лево крило посочува дека сѐ што има како странци во Чаир се квалитет за просечен клуб во Хрватска, како Интер Запрешиќ кој е пред распаѓање, а сето тоа го потврдува со мечот пред три дена во Гибралтар и поразот од Линколн со 0-2, иако чаирчани се тресеа и да не испаднат.
„Има странци во Шкупи, ама не се тоа странци од највисок квалитет. Доволно се добри за да бидат прваци во Македонија, ама не се квалитет за европски рамки. Се надевам нема да се налутат, но тие странци во Хрватска би играле во Интер Запрешиќ. Тоа е отприлика тој квалитет. Мислам дека сите го видоа квалитетот во Гибралтар“, додава Рингов.
Македонската легенда во својата кариера играше за Партизан (1973-75), Тетекс (1975-77), Вардар во три мандати (1977-83, 1983-85, 1986-87), како и за Динамо (1983-84) и германски Ајнтрахт Брауншвајг (1985-86).