Регионот згрозен од пеењето на навивачите на Шкупи - Убиј, убиј го Србинот (ВИДЕО)

Тимот на Шкупи и неговите навивачи „Шверцери“ се соочуваат со жестока казна од УЕФА поради скандирањето „Убиј, убиј го Србинот“ на вчерашното гостување кај Динамо Загреб (2-2), што ги згрози сите искрени спортски љубители во регионот, пишуваат утринава хрватските и српски медиуми.

Избраниците на тренерот Гоце Седлоски остварија голем спортски успех против најдобриот тим на просторот на поранешна СФРЈ во последниве 15-тина години, но тој може да остане во сенка на непромисленото скандирање на нивните фанови на „Максимир“. Скандирањето на овие грозни стихови беше толку силно што можеше да се слушне дури и во телевизискиот пренос, а беше потпомогнато и од домашните навивачи, кои исто така не се „мирисаат“ премногу со нивниот и наш сосед.

Ова не беше единствена политичка порака на „Шверцери“ на овој меч, со оглед што во еден момент истакнаа транспарент во кон бараат слобода за Цуфи Кока (види ТУКА), кој беше притворен поради заканување со пиштол кон македонски демонстранти неодамна во близина на Стоковната куќа „Мост“. Медиумите од регионот како скандал го гледаат и истакнувањето на албанско знаме иако настапуваат како шампиони на Македонија, а навивачите на Шкупи во еден момент истакнаа и знаме на „УЧК“, која за голем дел од регионов е терористичка организација.