Распадори ја испадна Англија во Б-дивизијата, БиХ влезе во елитното друштво (ВИДЕО)

Соиграчот на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во Наполи, Џакомо Распадори ја урна Англија во реваншот од ланското финале на Еуро 2020, па со неговиот гол Италија остана во трка за првото место во групата, ама го испадна „Гордиот Албион“ кој во следното издание на Лигата на нации ќе игра во Б-дивизијата.

Големото дерби донесе извонреден фудбал и многу шанси, а Италијанците имаа шанси да ги распарчат Англичаните, ама Скамака, Барела, Габијадини промашија зицери, „аѕурите“ погодија и дирек, додека Џанлуиџи Донарума беше на висина на задачата, па сѐ што Англичаните направија им одбрани за да не дозволи неговата мрежа да се тресе.

Испаѓањето на Англија во Б-дивизијата значи дека великанот ќе биде една сигурна „нагазна мина“ во евроквалификациите, па безмалку сите ќе сакаат на ждрепката на 9 октомври да ја избегнат особено ако падне група со уште еден великан од првиот барабан од десетте најдобри според актуелната сезона во Лигата на нациите.

Унгарија ја победи Германија со 1-0 со спектакуларен гол на Адам Шалај за да остане лидер, па сега меѓусебната пресметка со Италија во понеделник ќе решава кој ќе оди на завршниот фанјлфор догодина во битка за трофејот. Унгарија во оваа група на смртта е прва со 10 бода, пред Италија со 8, Германија остана на шест, а Англија има само два бода.

Емир Демировиќ на асистенција на Един Џеко во првата минута од судиското надополнување ѝ донесе победа на БиХ во регионалното дерби со Црна Гора, по што Босанците обезбедија пласман во елитната А-дивизија за следното издание. Финска и Романија одиграа 1-1, по што Романците останаа последни и се близу да испаднат во Лига Ц.