ПСЖ го урна Јунајтед на „Олд Трафорд“, Рома сигурна против Порто (ВИДЕО)

ПСЖ оствари важна победа на гостувањето на „Олд Трафорд“ кај Манчестер јунајтед со 2-0, па така си обезбеди солидна предност пред реваншот во осминафиналето во Лигата на шампиони. На вториот меч Рома на домашен терен успеа во возбудлив натпревар да го победи Порто со 2-1.

Манчестер јунајтед и ПСЖ одиграа израмнето прво полувреме, во кое немаше премногу шанси кон головите, па мрежите останаа да мируваат.

Сепак, во второто полувреме парижаните пристигнаа, па едно невнимание на одбраната на Јунајтед го искористи Преснел Кимпембе, кој погоди за 1-0 во 53. минута, а Килијан Мбапе седум минути подоцна погоди за 2-0.

„Црвените ѓаволи“ се обидоа во продолжение од мечот да постигнат погодок и евентуално да стигнат до израмнување, но не успеаа во своите намери. А, на крајот дури и Пол Погба доби два жолти картона и мораше порано да го напушти мечот, па ќе биде суспендиран за реваншот.

Исто така, ова е прв пораз за тренерот Оле Гунар Солшер на тренерската позиција во Манчестер јунајтед, па сигурно ќе треба напорно да работи за да направи изненадување во реваншот, кој ќе се игра во Париз на „Паркот на принцовите“.

Во вториот меч, Николо Заниоло одигра одличен меч за Рома, откако постигна два гола за шест минути, во 70. и 71. минута за водство од 2-0 на неговата екипа во Рим, но во 79. минута Порто преку Адријан намали на конечни 1-2.