Почнуваат четвртфиналните битки во ЛЕ и КЛ, Чурлинов му гостува на Бетис!

Синоќа беа комплетирани првите четвртфинални двојки во Лигата на шампионите, а денеска е ден за натпреварите од Лига Европа и Конференциската лига.

На програмата се првите четвртфинални мечеви во овие две натпреварувања, како наш претставник единствено го имаме Дарко Чурлинов.

Македонецот со Јагелонија му гостува на Бетис во меч од првото четвртфинале во Конференциската лига. Шпанскиот тим е голем фаворит во овој двобој, а Полјаците ќе се обидат да направат изненадување.

Покрај овој дуел во Конференциската лига се играат уште и натпреварите Легија - Челси, Целје - Фиорентина и Ѓургарден - Рапид.

Во Лига Европа дербито е во Франција каде Лион ќе го пречека Манчестер јунајтед. Овој дуел дополнително го загреаа Матиќ и Онана со меѓусебното препукување.

Тотнем го пречекува Ајнтрахт, Ренџерс е домаќин на Билбао во Глазгов, а Лацио му гостува на Бодо/Глимт.