Платини ќе ја „одере“ УЕФА: Познато колку француската легенда бара отштета од Нион!

Пред неколку дена беше објавено дека француската легенда Мишел Платини, поранешниот претседател на УЕФА ја тужи европската фудбалска централа за плати и бонуси, откако во минатиот месец му заврши четиригодишната суспензија за мито и корупција, па дел од медиумите ја објавија точната сума на пари што Французинот на побарува.

Станува збор за неверојатни 7,5 милиони евра, кои ги бара како отштета, од кои 5,5 милиони евра се пари како поврат на плати, а останатите пари, вкупно два милиони евра се бонуси. Агенцијата „Франс Прес“ од неименувани извори ги објави овие суми, а засега од УЕФА нема никаква реакција на тужбата на Платини.

Овие 7,5 милиони евра што бившиот претседател на УЕФА ги бара од Нион се практично еден буџет на македонската фудбалска федерација (ФФМ) и ако успее судски да ги добие парите, Французинот добро ќе се офајди и ќе добие надомест за штетата која му ја направиле, како што вели „дел од идиотите во фудбалската организација на Стариот континент“.

„Јас преку моите адвокати барам да се почитуваат договорните елементи“, рекол Платини, не сакајќи да обелодени дали станува збор токму за оваа сума на пари.

Платини беше суспендиран заедно со Сеп Блатер, бившиот прв човек на ФИФА за нелојална исплата на два милиони швајцарски франци, кои Французинот ги добил како советник на бившиот челник на светската организација уште пред две децении, кога Блатер седна на претседателската фотелја. Инаку Платини, откако му истече суспензијата, најави враќање во фудбалот.