Пирати во фудбалот: Италијански репрезентативци тренираа со – превез на едно око!

Фудбалерите на италијанската репрезентација до 21 година станаа тема на денот поради необична тренинг-метода – тренирање со превези на очите.

Иако на прв поглед изгледаше како шега или маркетиншки трик, зад идејата стои сериозен и неконвенционален пристап кон развојот на играта. На тренинзите на „младите аѕури“ се применува техника инспирирана од боксерските тренинзи, каде слични методи се користат за развивање на инстинкт, чувство за простор и побрзи реакции без ослонување на видот.

„Кога не гледаш сè, мораш да ја почувствуваш играта“, порачуваат од стручниот штаб.

Овој вид тренинг, кој медиумите веќе го нарекоа „пиратски“, ги тера играчите повеќе да се потпираат на слухот, интуицијата и чувството за позиција. Без визуелни дистракции и без поглед кон соиграчите – фокусот е насочен кон звукот, ритамот и внатрешниот осет за движење на топката. Според спортски психолози, ваквите методи можат значително да го намалат менталниот замор и да ја зголемат концентрацијата во завршницата на натпреварите. Играчите, приморани да играат без вид, развиваат т.н. „шесто сетило“ за фудбал.

Мислењата во јавноста се поделени – едни ја нарекуваат идејата револуционерна, додека други се скептични и ја сметаат за претерана. Сепак, слични техники веќе се користат во Германија и Холандија, каде ваквиот тренингот станува дел од младинските академии. Методата во Италија прв ја вовел тренерот Силвио Балдини, познат по својата филозофија.

„Ако сакаш поразлични резултати, мораш да тренираш на поинаков начин“, вели тој.

Младата италијанска селекција утре ќе одигра квалификациски натпревар против Шведска, па останува да се види дали „пиратските“ тренинзи ќе донесат резултат – или ќе останат само интересен експеримент на хартија.