„Ова е срамен пораз за Шпанија, им се извинувам на – сите!“

Еден од најискусните шпански репрезентативци, Жодри Алба, не можеше да го сокрие огромното разочарување по синоќешниот пораз на домашен терен од Швајцарија (1-2), со што „црвената фурија“ си ги закомплицира шансите за пласман во финалниот плејоф од Лигата на нации.

На Шпанците сега им е потребна победа на последното гостување кај Португалија за да дојдат до посакуваната цел.

„Пропуштивме добра шанса и сега треба да победиме во Португалија. Таму одиме со огромна желба за пласман на фајналфорот. Ова што се случи на натпреварот со Швајцарија е наша срамна изведба. Жал ни е за луѓето кои дојдоа да нѐ поддржат. Бевме многу напнати пред паузата, а противникот успеа да поведе. Израмнивме во вториот дел, но веднаш нѐ казнија со втор гол по уште една наша грешка“, изјави Алба.

Ова беше прв пораз на Шпанија на официјален меч на домашен терен уште од далечната 2003 година.