„Освен постигнатите голови, Реал ништо друго не одигра!“

Природно е фудбалерите на Баерн да не се задоволни од поразот од Реал Мадрид (1-2) особено што и тие имаа што да покажат во полфуиналето од Лигата на шампионите. Голманот Свен Улрих се јави со своевидна девалвација на успехот на мадриѓаните.

Човекот кој трипати ја вадеше топката од мрежата, но еднаш поради поништен гол, вели дека Баерн Минхен одиграл добро и заслужил барем бод.

„Реал ги искористи своите шанси, но освен тоа – ништо не одигра. Од друга страна, ние игравме многу добро и создававме многу шанси, ама за жал не ги искористивме“, вели Улрих.

Тој имаше што да прокоментира и за Кристијано Роналдо, кој постигна гол, но му го поништија поради игра со рака, па потоа бурно реагираше и негодуваше.

„Не ми е јасно зошто Роналдо се жалеше поради непризнатиот гол?! Ако тоа не беше игра со рака, не знам што е. Секако дека тој нема да признае, но на сите им беше јасно за што станува збор. МИслам дека и тој е свесен, ама намерно глумеше и се преправаше дека голот бил незаслужено поништен“, вели заменикот на Мануел Ноер.

Реал ќе го пречека Баерн во реваншот во вторник, на 2 мај.