Осум стадиони веќе потврдиле дека ќе го организираат Евро 2020, се чекаат уште четири

Европската фудбалска унија (УЕФА) го одложи Извршниот комитет кој беше закажан за оваа, па дури на 17 јуни ќе ги донесе сите клучни одлуки, а причина за одложувањето е што во Нион не знаеа колку градови ќе може да го органзираат Евро 2020, кое е презакажано за идното лето (11 јуни-11 јули).

Според информациите од Нион до кој дојдоа европските медиуми, Даблин е осмиот град кој по повтореното изјаснување потврдил преку Фудбалската федерација на Р. Ирска (ФАИ) дека ќе ги организира првично предвидените четири меча, три од групната фаза и едно осминафинале. Засега остануваат четири градови кои допрва треба да се изјаснат дали остануваат со организацијата, зашто секоја земја и секој град од претходно избраните 12 различно се соочи со пандемијата со коронавирус.

Засега потврда УЕФА за организација на ЕП идното лето има од Лондон (Англија), Глазгов (Шкотска), Санкт Петербург (Русија), Минхен (Германија), Копенхаген (Данска), Букурешт (Романија), Баку (Азербејџан) и сега Даблин (Р. Ирска).

Неизвесни барем досега се Рим (Италија), Билбао (Шпанија), Амстердам (Холандија) и Будимпешта (Унгарија), па поради тоа рокот за потврда УЕФА го пролонгираше и со тоа го одложи Извршниот комитет. Во, Нион се надеваат дека до 17 јуни ќе ги имаат сите 12 градови, како што претходно беа избрани, за да го организираат континенталниот шампионат, прв кој ќе се игра буквално низ цела Европа.

Евро 2020, кое се одложи поради пандемијата од Ковид-19, треба да стартува со отворање во Рим, а да заврши со полуфиналиња и финале во Лондон.