Омерагиќ избран во една од најважните комисии на УЕФА!

Првиот човек на македонскиот фудбал, Масар Омерагиќ во иднина ќе биде член на „Хет-трик“ комисијата на Европската фудбалска асоцијација која важи за една од најважните во УЕФА и е одговорна за распределба на милионски суми ширум Европа.

На првиот состанок кој се одржа во Каунас добредојде на Омерагиќ му посака Карл-Ерик Нилсон кој раководи со „Хет-трик“  комисијата. Како што порачува претседателот на ФФМ, тој станува член на комисијата во важен период за македонскиот фудбал.

„Голема чест и одговорност за мене е што УЕФА ме именуваше за член на HatTrick комисијата, едно од најважните тела во европскиот фудбал кое одлучува за инфраструктурни проекти и едукативни програми за националните асоцијации. Благодарност до претседателот Александар Чеферин и до Извршниот комитет на УЕФА за довербата.

Во важен период за македонскиот фудбал, со посветеност ќе се трудам да го претставувам во комисијата одговорна за инфраструктурни проекти и да влијаам на бројни процеси и активности поврзани со работата на националните асоцијации“, објави Омерагиќ.

Од редовите на комисијата пред една година го објавија и финансиксиот план за инвестирање до 2028 година и според истиот почнувајќи од минатата 2024 година до 2028 година ќе бидат инвестирани 3.5 милијарди евра за развој на фудбалот низ европските земји.