Најубав подарок за 70-годишнината: Вардар победнички да го заврши 70-от меч во Европа!

Оваа 2017 година е најзначајната во историјата на Вардар, затоа што најтрофејниот македонски клуб и актуелен шампион успеа да го направи тоа што со децении го чекаа навивачите и црвено-црните приврзаници – да биде дел од големото друштво во Европа. Вечерва против Розенборг на Националната Арена „Филип Втори“ (21.05 часот), црвено-црните имаат уште еден повод со победа да запишат важен момент – 70-от европски меч!

Пред вардарци е шансата која овојпат не треба да ја пропуштат, а во оваа година исполнета со многу радост и со јубилеи, против Розенборг мора да победат. Прво за сопствената чест и гордост, за да не останат на нула бодови, а второ за со најзначајна европска победа да ги одбележат седумте децении постоење кои клубот во оваа година што изминува ги слави. Плус, триумфот е значаен затоа што Вардар денеска го игра 70-от меч на европската сцена во своето постоње.

Првпат пред европската јавност се претстави во 1961 година, по освоениот прв голем трофеј – Купот на Маршалот Тито. Тогаш на дебито доживеа дебакл со 0-5, како што 56 години подоцна ќе доживее и во дебито во групната фаза. Но, во таа 1961 година стигна и до прва победа (во двата меча со шкотски Данфермлајн), па ред е и деби сезоната на големата сцена да заврши со радост за историскиот настап да биде комплетен. Од таа победа со Данфермлајн Вардар победи само на уште 15 други мечеви и уште 16 пати ремизираше. До годинешната историска сезона најзначаен европски момент беше славната 2003 и доаѓањето на чекор од Лигата на шампионите (Бери Таун, ЦСКА Москва и Спарта Прага), па ред е во Лига Европа да дојде и првата победа.

За овие повеќе од половина век настапи во Европа од тие 16 досегашни победи вечно ќе се памети првата со Данфермлајн, таа во 1985 со Динамо Букурешт (1-0) со која првпат се мина едно коло на меѓународна сцена, победите со Самптредија во 1995 (1-0, 2-0) првпат како претставник на независна Македонија, победата над рускиот великан ЦСКА Москва во 2003 во руската престолнина, победата над Гент во 2004 во Скопје во Купот Интертото, славните победи со Фенербахче (2-0, 2-1)... Ќе се памети и ремито во Бродо во 1995 коа „жирондинците“ беа со великан како Зинедин Зидан, скопските ремија 1-1 - со Рома и ЦСКА, победите над Малме и Копенхаген годинава во ЛШ, најубедливите со Етникос Аха (двапати со 5-1) во 2004.

Затоа е ред во низата европски успеси во квалификациски мечеви и рунди, на списокот да се најде и една од големото друштво во Лигата на Европа. Розенборг е најубава шанса. Вардар веќе запиша две против Скандинавци летово, па Розенборг е следен на менито.

Инаку, ако се потрудат вардарци во нападот и реализацијата да биде на врвно ниво, 70-от меч може да го донесе и јубилејниот 70-ти гол во Европа. Се зависи, најмногу од црвено-црните, од нивниот капацитет, квалитет и концентрација, затоа што несомнена ќе биде нивната желбата за успех. Во Трондхајм имаа доволно шанси за голови, но дадоа само еден утешен, кој има историско значење како прв (мајсторија на Фелипе).

Според статистиката, Вардар во ЛШ и КЕШ има 24 настапи (пет победи), во Купот на УЕФА, сега Лига Европа има 35 настапи (седум победи), во Купот на куп-победниците, натпреварување кое веќе не постои има 4 настапи (една победа), а во Купот Интертото, кој исто така не постои има шест настапи (три победи).