Младинците на Победа за С. Ирска ќе патуваат – цел ден!?

Младинскиот тим на Победа, актуелен првак во младинска конкуреција, в среда го очекува првиот меч од воведното коло во Лигата на шампионите против северноирски Колерејн, па прилепчани ги чека вистинско патешествие за да стигнат на пресметката.

Експедицијата од 24 члена до Северна Ирска ќе патува цели 24 часа - ќе тргне на патешествието в понеделник, а се очекува дури во вторник фудбалерите да пристигнат на вистинската дестинација. И во таа авантура за одење и враќање ќе сменат седум авиони и четири автобуси.

Прилепчани в понеделник од Прилеп со автобус ќе одат до скопскиот аеродром, од каде што ќе летаат до Загреб, па до Лондон, а оттаму до Белфаст. Првиот дел од авантурата ќе им заврши со автобус од Белфаст до Колерејн. Во вторник навечер од 20.30 часот ќе го имаат последниот тренинг, а в среда ги чека првата пресметка со противникот.

Враќањето е со еден авион повеќе, па од Колерејн до Белфаст ќе одат со автобус, потоа им следи лет до Лондон, од англиската престолнина до Амстердам, па оттаму до Белград, а од српскиот главен град на крај лет до Скопје. И потоа уште два часа со автобус да се вратат дома.

Реваншот е на 5 октомври поради кој Победа го одложи осминафиналето во Купот против Македонија ЃП за 19 октомври.