Лил стави крај на серијата на Реал од 36 натпревари без пораз

Сосема неочекувано, актуелниот европски првак Реал Мадрид синоќа доживеа пораз од Лил во второто коло од Лигата на шампионите.

Францускиот претставник беше апсолутно подобар противник и заслужи да слави уште поубедливо, но најважно за него е тоа што ги освои трите бода во мечот во кој беше аутсајдер и си ги зголеми шансите за пласман во нокаут фазата. Тоа беше и прва победа за Лил во годинашното издание од ЛШ откако во воведниот меч загуби од Спортинг со 0-2.

Во исто време, Лил стави крај на долгата серија без пораз на Реал која изнесуваше 36 меча, сметајќи ги сите натпреварувања. Последен кој успеа да го совлада гигантот беше Атлетико на 18 јануари 2024, во меч од Купот на Шпанија кога славеше со 4-2, по продолженија. Оттогаш Реал освои три трофеи, а дури осум месеци подоцна првпат капитулираше на официјален меч.

За „кралскиот клуб“, сепак, уште останува уште останува серијата без пораз во домашното првенство каде е несовладан веќе 40 меча во низа.