Куман за Де Јонг ја обвини Барса: Тие ризикуваа, ние ја плаќаме цената

Селекторот на Холандија, Роналд Куман го обвини својот поранешен клуб за повредата на Френки Де Јонг.

Еден од најважните фудбалери на Холандија ќе го пропушти Европското првенство поради проблеми со зглобот.

Де Јонг со месеци се мачи со тој проблем и од моментот кога се повреди на 3. март одигра само три натпревари за Барселона.

„За жал нема да биде спремен за три недели. Френки има историја на оваа повреда и мораме да мислиме на неговото здравје. Клубот одлучи да ризикува и сега ова е цената која ние мораме да ја платиме“, изјави Куман кој во минатото беше и тренер и фудбалер на Барселона.

Иако не беше во целост опоравен, Де Јонг за Барселона играше против Атлетик Билбао на почетокот на март, но тогаш беше заменет уште во првото полувреме. Потоа паузираше до средината на април кога настапи во четвртфиналето против ПСЖ. Повредата ја обнови во „Ел Класико“ на 21. април.

Против Реал Мадрид беше заменет уште во првото полувреме и од тој момент не се врати на терените.

„Тажен сум и разочаран што нема да стигнам да настапам на Европското првенство. Многу работевме во изминатите неколку месеци, но на мојот скочен зглоб му е потребно повеќе време. За мене сон и најголема чест е да ја претставувате вашата репрезентација на голем турнир, но сега како и цела нација ќе навивам со цело срце“, објави Де Јонг.