Ќе успее ли Шкендија да даде голови за да избегне нова срамна елиминација?

Без даден гол во три меча и 270 минути со вкупнио 0-8 досега во европските мечеви и со негатива од два гола, македонскиот шампион Шкендија ќе има тешка, но не и нереална задача, да успее да направи пресврт летово и да се избори за трето коло во квалификациите за Конференциската лига, под услов конечно тетовци да почнат да даваат голови.

Шкендија е на раб на нова срамна елиминација, па за да спречи такво нешто вечерва од 20 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе мора да победи најмалку со два гола разлика за продолженија, а со три за понатамошен пласман. Но, колку сето тоа изгледа достижно и реално, токму задачата и притисокот е поголем после ужасната реализација и фактот дека летово сѐ уште немаат дадено гол, па ќе мора да проработат како знаат и умеат.

Само што, одењето во тотална офанзива на летонска Рига ќе ѝ отвори сериозен простор со противнапади да си ја олесни задачата на патот кон следната рунда и сето тоа двојно повеќе го отежнува мечот за Шкендија – ем да напаѓа, ем да биде внимателна во дефанзива.

„Не играме лошо, ама ни недостигаат голови и мислам дека сега е време да проработиме. Ова може да биде пресвртница за нас“, рече тренерот Ернест Ѓока.

Досега од тоа што го прикажа Шкендија, далеку е од тетовскиот клуб кој трипати беше на чекор до групна фаза, далеку е и од просечен европски клуб, а ако не успее ова ќе им биде втор срам во последните три сезони , откако во летото 2019 година експресно во четири меча ја заврши европската авантура со елиминации од Номе Калју во ЛШ, па од Дуделанж во Лига Европа.

Од двата претставници на Македонија, Шкендија е единствена шанса македонскиот клупски фудбал да дочека август во квалификациите, зашто Шкупи од 22 часот на Азорските острови, оди само формално да го доигра двомечот со португалска Санта Клара, откако големиот фаворит уште во Скопје со триумфот со 3-0 го визираше следното коло и незамисливо е дека чаирчани може да направат сензација над сензациите, особено што огромна е разликата во квалитет меѓу двата тима