Каран: Пјуник е многу силен тим, лани го елиминираше Вардар!

Откако чаирски Шкупи го доби добропознатиот ерменски гигант Пјуник за противник во првото коло во квалификациите за Лига Европа, турската легенда и тренер на чаирчани Умит Каран посочи дека на „гулабите“ им паднал многу тежок противник, но дека верува во капацитетот на неговиот тим да ја мине првата пречка.

Пјуник е екипа од која лани настрада Вардар, пред 15 години исто и прилепска Победа, а пред една деценија и Тетекс, па на Ерменците добро им оди против македонските клубови. Сега Шкупи ќе се соочи со ерменскиот гигант во обид да обезбеди второ коло и подолго да опстои на меѓународната сцена.

„Пјуник е екипа која многу често игра квалификации за Лига Европа и Лига на шампиони и мислам дека се многу силен тим. Ги видовме лани дека го елиминираа Вардар. Но, ние ќе се подготвиме и веруваме дека можеме да одиме во следното коло. Ерменија е далеку, но имаме доволно информации за нивниот фудбал и ќе се подготвиме добро да го дадеме најдоброто. Јас се надевам дека ќе одиме во второ коло. Како и да е, посакувам само да нѐ послужи здравјето и да се подготвиме добро за овој предизвик“, вели Каран.