Јужна поделена: Тампон зона помеѓу навивачите на Вардар и Фенербахче (ФОТО)

Јужната трибина на Националната Арена „Филип Втори“ веќе е поделена со ограда во пресрет на утрешниот меч на македонскиот првак Вардар со турскиот гигант Фенербахче во плејоф-квалификациите за Лига Европа (20 часот).

На најголемата трибина на Арената, направена е тампон зона, затоа што за јужната трибина карти купувале и навивачи на Фенербахче, па за да не дојде до мешање на приврзаници на двата тима и можни инциденти, решено е трибината да биде поделена со ограда, па така два блока од оваа централна трибина ќе биде за турските навивачи.

Вардар пред една недела кога ги пушти билетите во продажба по забегани цени од 2.000 до 3.000 денари, реши да го „продаде“ култниот југ на Турците, што предизвика гневни реакции кај вардаровите навивачи, по што црвено-црните и сопственикот Сергеј Самсоненко ретерираа и ги намалија за десетпати цените (300 денари), во моментот кога на јавноста ѝ соопшти дека по крајот на сезоната се повлекува од вардаровото семејство.

Вардар и Фенербахче го играат првиот меч до плејофот, а црвено-црните ќе влезат без тренерот Гоце Седлоски, кој вчера си даде оставка и на негово место денеска ќе биде промовиран Чедомир Јаневски, а дуелот ќе го води помошникот Александар Васоски.

ФОТО: Вардар Фанс