Играч на Баерн открива: Судијата ми призна дека згрешил

Уште еден натпревар од Лигата на шампионите е одбележан од судиска грешка и покрај тоа што во финишот се случи спектакуларен пресврт.

Реал славеше со 2-1 против Баерн и обезбеди пласман во финалето од елитното натпреварување, но во последните моменти на германскиот тим му беше поништен гол поради офсајд. Дефанзивецот на Баерн, Матијс де Лихт тврди дека помошниот судија му признал дека згрешил.

„Ова е срамота. Помошниот судија по мечот ми призна дека згреши, но јас и мојот тим немаме ништо од тоа. Не сум човек кој би ги обвинил судиите за пораз, но правилата се правила и акцијата требаше да биде продолжена. Направена е голема грешка и тоа е срамота“, изјави Де Лихт кој беше стрелец на поништениот гол.

Освен што играта беше прекината и судиите не дозволија акцијата да заврши, анализата покажа дека Мазрауи не бил во офсајд во спорната ситуација. Во големото финале на Вембли на 1 јуни, Реал ќе игра против Борусија Дортмунд која беше подобра од ПСЖ.