Готово е, се распаѓа Лигата на шампиони: Великаните објавија формирање на Суперлига!

Најпопуларното и најпрестижното фудбалско натпреварување во Европа, Лигата на шампионите го доживеа вечерва својот крај откако 12 великани на европскиот фудбал објавија формирање на приватна Суперлига, со која практично започнува распадот на европскиот фудбал каков што го знаеме.

 

Тоа што се најавуваше дека великаните ќе се отцепат во приватно натпреварување, вечерва се случи, откако 12 клубови објавија заедничко соопштение на кое ја информираа комплетната јавност за формирањето на приватна лига. Оваа бомба после што фудбалот на Стариот континент ќе се соочи со комплетен хаос доаѓа пред денешниот состанок на Извршниот комитет на УЕФА кога требаше да се промовира реформираната ЛШ.

„Дванаесет најдобри европски клубови денеска заеднички се согласија да формираат ново натпреварување кое ќе се игра преку недела, Суперлига, која ќе биде раководена од основачите на натпреварувањето.

Милан, Арсенал, Атлетико Мадрид, Челси, Барселона, Интер, Јувентус, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Тотнем се основачи на оваа лига. Очекуваме три други клубови да се придружат во првата сезона, која што е можно поскоро ќе биде стартувана“, објавија елитните европски клубови.

УЕФА денеска се закани со најстроги санкции, но веќе е извесно дека неиграњето на елитата ќе предизвика огромни финансиски удари врз европската централа, а со тоа и врз комплетниот европски фудбал, зашто тешко замисливо е дека од Нион ќе може да ги наплатат милијардите евра од ТВ-права ако не играат великаните, па со тоа ќе има помалку пари од солидарните фондови како за клубовите, така за инвестициите, проектите, националните федерации...

Отцепувањето на богаташите веќе го осудија сите, дури се замешаа и политичари како британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон...