Фенербахче до своите навивачи: Без навредливи пароли и пиротехника во Скопје

Фенербахче се очекува да има силна подршка од трибините на „Телеком арената“ во Скопје на утрешниот натпревар во рамки на Лигата на Европа, па затоа турскиот клуб преку својата интернет страница упати апел до своите навивачи за фер и коректно однесување.

Турскиот гигант објави насоки што не смеат навивачите да прават додека се на стадионот во Скопје и како да се однесуваат според правилата. Фенербахче вели дека навивачите секогаш биле важен фактор во победите на клубот и се надеваат дека така ќе биде и овој пат.

Клубот бара од своите навивачи да бидат зад тимот во сите 90 минути од натпреварот. Во никој случај да не се наруши дисциплината или да се прекршат безбедносните правила. Навивачите не смеат да седат на скалите, во никој случај да не влегуваат во теренот пред, за време или по натпреварот со Вардар.

Фенербахче бара од своите навивачи да не истакнуваат знамиња или банери со навредлива содржина упатени кон противникот или било какви политички слогани. Да не бидат фрлани предмети од трибините на теренот и да не се внесуваат остри и запаливи предмети. Строго е забранета употреба на факели и други пиротехнички средства.

На крајот од Фенербахче бараат нивните навивачи да не го бодрат само својот тим, туку да покажат почит и кон противникот.