Европскиот шампион си играше со Србија, голеада во Варшава (ВИДЕО)

Актуелниот континентален првак Шпанија оствари лесна и убедлива победа во дуелот со Србија и го обезбеди својот пласман во плејофот од Лигата на нации.

На домашен терен, „фуријата“ славеше со 3-0 во меч во кој имаше апсолутна доминација и упати 30 удари од кои 10 во рамките на голот на противникот. За илустрација, Србите шутнаа само три пати, а само еден од ударите одеше кон голот.

Целата стратегија на Србите се распадна по само четири минути игра откако Лапорт го искористи центаршутот на Поро и ја доведе Шпанија во водство. Со 1-0 се замина на голем одмор, но доминацијата на домаќините продолжи и во вториот дел. Мората во 54. минута промаши пенал, но десетина минути подоцна се извади со тоа откако го зголеми водството на својата репрезентација. Конечните 3-0 ги постави Баена со фантастично изведен слободен удар во 77. минута.

Капак на проблемите на Србија беше црвениот картон на Павловиќ кој заедно со Ераковиќ нема да игра во клучниот меч од групата, против Швајцарија идниот месец.

Најинтересно вечерва беше во Варшава каде Полска и Хрватска одиграа без победник со шест гола (3-3). Домаќините поведоа преку Зјелински, но од 20. до 26. минута „коцкестите“ постигнаа три гола за убедливо водство. Пред крајот на полувреме Залевски намали, а Шимански во вториот дел го израмни резултатот. На 15-тина минути пред крајот Ливаковиќ доби црвен картон, па Полјаците имаа шанса да дојдат и до триумф, но не го искористија тој момент. Хрватска со ремито пропушти можност да се пласира во плејофот од Лигата на нации, но секако е многу блиску до тоа.

РЕЗУЛТАТИ - ЛИГА НА НАЦИИ
ГРУПА 1
Полска - Хрватска 3-3
Шкотска - Португалија 0-0
ТАБЕЛА: Португалија 10 бода, Хрватска 7, Полска 4, Шкотска 1

ГРУПА 4
Шпанија - Србија 3-0
Швајцарија - Данска 2-2
ТАБЕЛА: Шпанија 10 бода, Данска 7, Србија 4, Швајцарија 1