Силни најави даваа академците на Пандев по ждрепката за своето европско деби во Лига Европа, дека добиле противник по мерак и дека имале среќа на ждрепката, ама вечерва мостарски Зрињски им го расипа и меракот и дебито, па им одржа фудбалска лекција за да им покаже дека се далеку од тим за европска сцена со триумфот со 3-0 на Националната Арена „Тодор Проески“ во првото коло од квалификациите за најмасовното натпреварување.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

На Академија Пандев вечерва ѝ остана само желбата да се докаже, зашто на фудбалски план не покажа ништо, туку напротив мостарци им покажаа на неколкуте стотини гледачи колку е очајно македонското првенство, штом третиот најдобар клуб во земјава и освојувач на купот не успева еден час да го погоди и да го види голот на противникот. Херцеговците вечерва ни покажаа до каде ни е чергата и колку домашниот фудбал ни е ужасен, само две години, откако Вардар играше во Лига Европа, а младинската репрезентација беше учесник на Евро 2017 (најголемиот дел од фудбалерите беа од домашната Прва лига).

Зрињски за половина час си ја заврши работата за да победи, да си го завери пласманот во второто коло, па од три шанси погоди двапати во првите половина час од мечот. Ирфан Хаџиќ во 12-та минута го отвори мечот, Станиша Мандиќ го дуплираше водството во 28-та, а Миљан Говедарица во 56-та погоди и третпат за убедлива победа.

Струмичани за седум дена само формално ќе одат во Мостар за да го одиграат реваншот (19 часот).