Де Ла Фуенте: Јамал ја заслужува Златната топка!

Шпанскиот селектор, Луис Де Ла Фуенте го испофали Ламин Јамал по епскиот натпревар во кој ја совладаа Франција со неверојатни 5-4 и се пласираа во финалето од Лигата на нации.

Шпанија ќе се бори за пехарот од Лигата на нации против Португалија благодарение на вчерашната победа над Франција.

Ламин Јамал постигна два голови и ја доби наградата за играч на мечот, а потоа доби и пофалби од селекторот Де Ла Фуенте.

„Го видовме Ламин на дело. Мислам дека момчето ја заслужува Златната топка“, рече Де Ла Фуенте.

„Никогаш не е лесно да дадете пет гола. Одлично ги искористивме шансите со што го покажавме нивото и квалитетот на моите фудбалери. Не се случајни и четирите гола на Франција и тие имаат голем потенцијал“.

„Сега ни следува финалето со Португалија, таму имам доста пријатели. Возбуден сум за тој натпревар затоа што тие играат допадлив фудбал како и ние. Очекувајте ваков натпревар и во недела“.

Шпанија ако ја победи Португалија ќе биде првата селекција која го одбранила трофејот во Лигата на нации и ќе биде првата која двапати го освоила ова релативно ново натпреварување на УЕФА.