Циркус невиден: Бугарија имаше мизерни квалификации, а сега е „фаворит“ за пласман на ЕП!

Претстојното Европско првенство низ Европа идната година веќе има 20 учесници, а останатите четири ќе бидат познати после мартовските баражи преку плејофот во Лигата на нации, во кои ќе игра и Македонија, но целиот систем за пласман е – жив циркус.

Ако Македонија против Косово дома го доби полуфиналниот противник, а финалето ќе го игра на гости според ждрепката, соседна Бугарија магично испадна „фаворит“ за пласман, зашто доби – два домашни меча на патот кон Евро 2020. Бугарите кои се срамеа во овие квалификации и едвај освоија шест бода (само една победа), сега добија шанса преку плејофот да играат на ЕП и тоа поради најлудите пропозиции на УЕФА.

Бугарија не обезбеди пласман како првопласирана во групите, но откако 20 екипи се пласираа на континенталниот шампионат, а дел од другите подобри селекции имаа заверено прво место преку Лигата на нации (како што беше Македонија во Д-дивизијата), на источниот сосед му се отвори шансата да влезе во баражот според ранкингот од учинокот во првата сезона на најновото натпреварување.

И таму како најдобра селекција зад Исланд, во А-дивизијата доби домашен меч со Унгарија, а ждрепката сакаше во Софија да се игра и финалето со подобриот од мечот Исланд – Романија. Така Бугарите во двегодишен циклус за Евро 2020, со една квалификациска победа и две бараж победи може да се најдат на ЕП. Бугарија во овој циклус ја победи само Чешка која беше пласирана со 1-0 во последното коло, а ремизираше со Косово (1-1) и двапати со Црна Гора (0-0, 1-1), загуби од Чешка (1-2), Англија (0-6, 0-4), Косово (2-3). Бугарија во Лигата на нации беше втора во групата 3 од Ц-дивизијата зад Норвешка, а пред Кипар и Словенија.

БиХ доби шанса со два меча дома да игра на континенталниот шампионат, после слабите квалификации, а соседна Србија ако успее да ја победи Норвешка, исто така ќе игра дома во финалето со подобриот од мечот Шкотска – Израел. Македонија немаше среќа да добие домашен меч, па ќе мора преку Тбилиси или Минск да ја бара визата за ЕП.

Полуфиналињата се на 26 март, а финалните мечеви по кои ќе бидат познати четирите преостанати учесници на ЕП ќе се играат на 31 март.

Д-ДИВИЗИЈА

Грузија – Белорусија, Македонија – Косово

финале: Грузија/Белорусија – Македонија/Косово

Ц-ДИВИЗИЈА

Шкотска – Израел, Норвешка - Србија

финале: Норвешка/Србија – Шкотска/Израел

Б-ДИВИЗИЈА

БиХ – С. Ирска, Словачка – Р. Ирска

финале: БиХ/С. Ирска – Словачка/Р.Ирска

А-ДИВИЗИЈА

Исланд – Романија, Бугарија - Унгарија

финале: Бугарија/Унгарија – Исланд/Романија