Ц. Звезда за час ипол заработи повеќе отколку Вардар за самиот пласман во Лига Европа!

Поранешниот европски шампион Црвена Звезда, која дебитира сезонава во европската елита со настапот во Лигата на шампионите за самото учество ја наполни касата со 15,2 милиони евра, ама по големиот и величенствен историски триумф над Ливерпул се збогати за уште – 2,7 милиони евра.

Одамна е познато дека преголема е разликата во финансискиот бенефит за клубовите во Лигата на шампионите и Лига Европа, а најдобар доказ за тоа е денешниот триумф на белграѓани и нивниот ќар од дополнителни 2,7 милиони евра. Овие пари што Ц. Звезда ги освои благодарение на двата брзи гола на Милан Павков во првата половина од првиот дел се дури и повеќе од тоа за кое два месеци најтрофејниот макеоднски клуб Вардар се бореше минатото лето за да успее да стигне до групната фаза во Лига Европа (2,6 милиони евра за пласман во групите во Лига Европа).

Вардар за пласманот во групите во Лига Европа доби бонус од УЕФА од 2,6 милиони евра, а севкупно за пласманот и настапот во второто по ранг-натпреварување инкасираше 3,1 милион евра и уште еден милион за настапот и елиминацијата во квалификациите за ЛШ. Тоа значи дека Вардар заработил 4,1 милион евра во кои пари влегуваат и приходот од маркет-пулот на УЕФА, како и 120.000 евра за ремито со Розенборг.

Само за споредба Ц. Звезда, која досега освои четири бода веќе само од настапите во ЛШ има заработка од 3,6 милиони евра, без парите за пласман, маркет-пулот на УЕФА, продадените влезници... Белграѓани само од бонус и учинок веќе стигнаа до 19 милиони евра, што во случајот со Вардар значи дека заработиле шестпати повеќе.

Ова е само голем пример колкава е разликата во финансискиот бенефит за клубовите кои играат во две различни натпреварувања под иста капа (УЕФА).