Баерн скрпи добар напад и без Левандовски и Гнабри, ПСЖ со Мбапе како „деветка“ (ФОТО)

Баерн Минхен и Пари Сен Жермен, вечерва од 21 часот, ќе го репризираат ланското финале во Лисабон во првиот четвртфинален меч во Лигата на шампионите, во кој Баварците со многу проблеми го дочекуваат зашто не може да сметаат на првиот напаѓач Роберт Левандовски и на одличниот Серж Гнабри.

Без Левандовски, кој има повреда на коленото и ќе го прескокне и реваншот идната недела, како и без Гнабри поради коронавирус, Ханси Флик сепак скрпи добар напад за мечот со „светците“, во кој Чупо Мотинг ќе ја има улогата да ја замени полската гол-машина, додека Лирој Сане – Томас Милер – Кингсли Коман ќе биде офанзивното трио зад напаѓачот. Токму Коман беше човекот што го реши ПСЖ за европската титула на Баварците во август лани.

Од друга страна ПСЖ со иста стратегија во формација 4-2-3-1 ќе се соочи со европскиот шампион, а Килијан Мбапе ќе ја има улогата на центарфор, со поддршка од Јулијан Дракслер и Анхел Ди Марија како крила, а Нејмар како плејмејкер, но проблематичен ќе биде срениот ред во кој го нема Марко Верати, па Геје и Данило ќе треба да ги поврзат дефанзивната линија со сериозно офанзивниот напад

Во вториот вечерашен меч во Севилја, каде Порто е домаќин на Челси, португалскиот гигант во формација 4-4-2 со Марега и Дијаз како напаѓачки тандем ќе ги нападнат „сините“, а Корона и Отавио се двете крила кои треба да ја пробијат одбраната.

Од друга страна, Томас Тухел се реши со Вернер, Хаверц и Маунт во нападот, а Ковачиќ и Жоргињо во срцето на средниот ред во формацијата 3-4-3, во која Чилвел и Џејмс ќе имаат улога на бекови крила и формацијата ќе се трансформира и со петмина во фаза на одбрана во задната линија.

Вчера во првите две четвртфиналиња, Манчестер сити со 2-1 ја победи Борусија Дортмунд, а Реал Мадрид со 3-1 славеше во титанската пресметка на великаните против Ливерпул.