„Врз Мбапе има фрлено црна магија, можеби Погба има врска со неговата ситуација“

Францускиот голгетер, Килијан Мбапе е на ударот на шпанската јавност и навивачите на Реал Мадрид поради лошиот настап и промашениот пенал против Ливерпул во Лигата на шампионите (2-0).

Актуелниот освојувач на Лигата на шампионите на три кола пред крајот на првата фаза од елитното натпреварување е во тешка ситуација. Тимот се наоѓа на 24. место кое е последното што води во баражот за нокаут рундата.

Поранешниот француски репрезентативец, Емануел Петит (54) тврди дека врз Мбапе може да има фрлено магија.

„Навистина така мислам. Вие не верувајте, но јас верувам. Можеби врска со целата ситуација има Пол Погба? Не знам“, изјави Петит.

Ќе потсетиме, Погба и неговиот брат Матијас завршија на суд бидејќи Матијас јавно зборуваше дека платил човек да фрли зла магија на Мбапе за да предизвика неред во репрезентацијата.

Мбапе во Реал Мадрид пристигна летово како слободен играч од ПСЖ и во 18 натпревари постигна девет гола и запиша две асистенции.