Тјери Анри неочекувано си замина од МЛС и се врати во Лондон!

Француската фудбалска легенда, Тјери Анри, се повлече од тренерската функција во екипата на Монтреал од американската МЛС-лига, откако поради семејни причини мораше итно да се врати во Лондон.

Поради пандемијата со коронавирусот, тимот на Монтреал уште лани мораше од Канада да се пресели во САД и таму да функционира со месеци, поради што поранешната ѕвезда на Арсенал долго беше оделен од фамилијата. Така требаше да биде и сезонава, поради што Анри реши заедно со семејството да се вратат во Лондон.

„Со тешко срце ја донесов оваа одлука. Минатата година ми беше екстремно тешка. Поради светската пандемија не можев да ги гледам моите деца. Рестрикциите, за жал, остануваат, па со со тага ја донесов одлуката со фамилијата да се вратиме во Лондон и да го напуштам Монтереал“, изјави Анри.

Французинот во ноември 2019 година го презеде клубот и за првпат по четири години успеа да го пласира во плејофот. Тие дојдоа и до четвртфиналето на КОНКАКАФ Лигата на шампионите. Се шпекулираше дека Борнмут сака да го ангажира Анри, но тие решија да го именуваат Џонатан Вудгејт за перманентен тренер. Нејасно е која ќе биде следната дестинација на Анри.