
Светски првак со Германија и двоен освојувач на ЛШ стави крај на кариерата!
Тој оваа вест ја објави со емотивно видео на својот профил на Инстаграм.
„Играв долго, за големи клубови и за мојата земја. Победував, губев, учев и растев. Фудбалот ми даде многу, но сега е време да продолжам понатаму – не зашто морам, туку зашто сум подготвен“, изјави Боатенг.
Роден во Берлин, Боатенг ја започна кариерата во Херта, а потоа настапуваше за Хамбургер и Манчестер Сити, пред да стане столб на одбраната на Баерн Минхен од 2011 до 2021 година. Потоа ги носеше дресовите на Лион, Салернитана и австрискиот ЛАСК. Во дресот на Германија одигра 76 натпревари, освојувајќи ја светската титула во Бразил. Претходно, во 2010 стигна до полуфиналето на Мундијалот, а со националниот тим играше и две полуфиналиња на Европските првенства (2012 и 2016).
„Благодарен сум на сите клубови, навивачи и луѓе што ме поддржуваа, а најмногу на моето семејство и децата – секогаш беа покрај мене“, додаде Боатенг.
Последните години неговата кариера го следеа и проблеми надвор од теренот. Тој беше обвинет за семејно насилство врз поранешната сопруга во 2018 година, а во повторената постапка доби условна казна и парична санкција од 200.000 евра.
ФОТО: EPA PHOTO