Силна шлаканица за светскиот шампион - Мексико ја урна Германија! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Мексико ја приредија најголемата сензација во досегашниот тек од Мундијал, откако попладнево го совладаа светскиот шампион Германија со 1-0.

Без никаков респект, без тронка страв и само со една цел - да се стигне до победа. Така тргнаа и така почнаа аутсајдерите кои во првиот дел во целост доминираа и го надиграа фаворитот.

Се редеа брзите контри пред голот на Ноер и постојано висеше неговиот гол, а конечно мораше да ја вади топката од својата мрежа во 35-та минута кога токму по една контра Лозано погоди за 1-0.

Во вториот дел играше само една екипа, Мексико конмплетно се фокусираше да ја одбрани предноста од првиот дел, а Германија фрли сѐ на една карта. Милер, Дракслер, Озил, Бранд, Боатенг беа само дел од фудбалерите кои се најдоа во посериозна позиција да постигнат гол, но реализацијата изостана.

Бедемот пред голот на Гиљермо Очоа не попушти, па така Мексико го освои целиот плен од овој дуел, а Германија е ставена во незавидна ситуација по првото коло во оваа група, во која играат уште и Шведска и Јужна Кореја.