Ремек дело на Пафунди за историја на Италија – прво финале на Мундијалито (ВИДЕО)
Џокерот на „аѕурите“ кој го замени еден од клучните играчи на оваа генерација Томазо Балданци, погоди на четири минути пред крајот, само четири откако влезе во игра и тоа со страшен слободен удар по кој корејскиот голман не мрдна на шутот. Италија третпат по ред играше полуфинале на СП, а сега првпат ќе има шанса да се бори за светската титула во недела од 23 часот против Уругвај, кој во првото полуфинале славеше со 1-0 против дебитантот на светските првенства Израел.
Италија по 14 минути игра поведе со гол на најголемата своја ѕвезда Чезаре Касадеи, кој го постигна својот седми гол на овој шампионат и веќе извесно е дека ќе биде „златна копачка“ на Мундијалито, а Корејците од пенал израмнија во 23-та после интервенција на ВАР, а прецизен беше Сеунг Вон Ли.
Во фантастичен меч со многу шанси, Кореја пропушти три изгледни за можеби второ финале по ред, по загубеното од Украина во 2019 година, но голманот Себастијано Деспланш беше извонреден, па на крај пресуди една велемајсторија на најмладиот во составот, кој ќе има право за настап за Италија и на следното СП во 2025 година.