„Од Болт не може да биде фудбалер ни за сто години!“

Најпопуларниот атлетичар на сите времиња, Јусеин Болт, упорно се обидува да направи и фудбалска кариера, меѓутоа многумина не го сфаќаат сериозно, дури и откако почна да игра за Централ Коуст маринерс.

Болт напорно тренира и се обидува да добие професионален договор од својата екипа, па неодамна дури постигна и прв гол. Арно ама, изгледа и „да застане на глава“ некои нема никогаш да го сметаат за фудбалер. Таков е Маркус Бабел, некогашниот репрезентативец на Германија, кој сега е тренер на Вестерн Сиднеј вондерерс

„Го гледав како игра и, со целата почит, од него нема да биде фудбалер ни за сто години. Неговиот ангажман е одличен маркетинг потег, бидејќи австралиската лига добива поголемо внимание, сепак, Болт не може сериозно да биде сфатен како фудбалер“, рече Бабел.

Бабел е тренер од 2008 година, прво во Штутгарт, потоа во Хофенхајм и Херта, па во Луцерн во швајцарската лига и од оваа сезона почна во Сиднеј. Болт, како него, неодамна дојде во австралиската лига и планира да се избори за перманентен статус. Затоа не ја прифати понудата од малтешка Ла Валета, пред неклку дена.