Нов скандал во ФИФА: Инфантино сокрил милионски прилив за да си купи – вила во Мајами!

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се наоѓа во центарот на уште еден финансиски скандал, откако истрагата на британскиот весник „Тајмс“ откри дека тој не го објавил јавно целиот износ на своите приходи.

Овие информации доаѓаат во момент кога 56-годишниот Швајцарец е подложен на сè посериозен притисок и барања за радикални реформи во пресрет на изборниот конгрес на светската фудбалска централа кој треба да се одржи во март 2027 година. ФИФА официјално пријавила дека Инфантино во 2026 година добил плата од 4,6 милиони евра, но воопшто не била наведена дополнителна сума од околу 1,5 милиони евра, која му била исплатена од компанија директно поврзано со организацијата на СП 2026. Британскиот весник тврди дека овие тајни средства биле искористени за покривање на трошоците за луксузната вила на Инфантино во Мајами, при што се очекува првиот човек на ФИФА да добие финансиски бонус во најмалку ист износ и за 2025 и 2026 година.

Ова откритие претставува нов тежок удар врз имиџот на Инфантино, кој изминатава година беше цел на жестоки критики поради контроверзните планови за привлекување приватни инвеститори во ново трговско друштво на ФИФА кое би ги поседувало правата поврзани со Светските првенства. Насобраното незадоволство најавува жестока конкуренција за претседателската фотелја на конгресот закажан за март следната година во Рабат. Крајниот рок за поднесување кандидатури е 18 ноември, а веќе е потврден првиот официјален противкандидат – поранешниот швајцарски репрезентативец и актуелен финансиер Рамон Вега.

Сепак, според неофицијални информации, најсериозен ривал на Инфантино би можел да биде легендарниот Арсен Венгер. Поранешниот менаџер на Арсенал, кој моментално ја извршува функцијата директор за глобален фудбалски развој во ФИФА, интензивно е убедуван да влезе во изборната трка, иако 76-годишниот Французин сè уште јавно не објавил дали ќе го прифати овој предизвик.

Дека Европа бара итни промени потврдува и фактот што дури 54 национални федерации го поддржаа повикот на УЕФА за реформа на ФИФА и повлекување на довербата кон Инфантино, меѓу кои е и ФФМ.