Неверојатни мерки за безбедност: Во Мадрид ќе има „војна“ или се игра - Суперкласико?!

Двата лути аргентински великани Ривер плејт и Бока јуниорс вечерва од 20.30 часот на „Сантјаго Бернабеу“ во Мадрид ќе се соочат во „мечот на векот“ во трката за јужноамериканската круна во Купот Либертадорес, по две одложувања и историско прво вакво финале надвор од Јужна Америка.

По хаосот што се случи пред две недели пред „Монументал“, домот на Ривер, кога беше каменуван автобусот со фудбалерите на Бока, по две одложувања, натегања, „бојкоти“, кавги и долги преговори, КОНМЕБОЛ речи да го закаже мечот во Мадрид. На општо незадоволство во Аргентина, на навивачите на двата тима...

И великаните од Буенос Аирес веќе се во Мадрид, подготвени за пресметката на „Бернабеу“, а пресметката ја крена целата полиција на нозе, па за мечот ќе има незапаметен број на чувари на јавниот ред и мир. Шпанците, дури се сеират, дали во Мадрид утре се очекува војна или фудбалско Суперкласико, зашто се ангажирани – 4.000 полицајци. И не само тоа, тука ќе биде и анти-терористичка бригада, снајперисти, па и анти-експлозивна бригада...

Шпанците се чудат, зашто овие бројки се повеќе од двојно повеќе, од „ел класико“ кога играат Реал Мадрид и Барселона, каде суперѕвездите се побројни, па обезбедувањето е на највисоко ниво. Ама, очигледно Суперкласико надминува сè и тоа со само по пет илјади навивачи на Ривер и на Бока во градот. Кој знае колку полиција ќе требало да се ангажира, ако навивачите на двата ривали беа побројни за двојно или тројно. Тогаш ќе се викаше и војската на помош.

По хаосот во Буенос Аирес, сега Суперкласико ќе се организира по највисоки безбедносни стандарди. Освен 4.000 полицајци кои ќе се грижат за безбедноста, ќе има три прстени на безбедност околу стадионот. Навивачите ќе влегуваат со билети, но и со „навивачка лична карта“ на која ќе ги има сите податоци со цел да се избегнат сите можни проблеми. Второ Аргентинците кои нема да се однесуваат според правилата за време на мечот, ќе бидат исфрлени од трибините.

Шпанците се плашат и од т.н. барас-бравас, озогласените хулигански групи на двата великани, кои се исклучително насилни и проблематични. Точно 12 хулигани од тие групи, меѓу кои и водачи на Бока и на Ривер се депортирани назад во Аргентина, иако пристигнале со авион во Мадрид без проблеми од аргентинските власти. Но, за секој случај, снајперски единици ќе бидат поставени околу стадионот за да се спречи секаков обид за терористички чин, но и да се исплашат тие што сакаат да дојдат и да бараат проблеми по шпанската престолнина.

Пред мечот ќе има антитерористички и анти-експлозиви единици, кои ќе треба да спречат секакво внесување на непосакувани предмети – факли, топовски удари, димни бомби, стробови или накусо кажано – цел арсенал на пиротехника. Особено антитрористичките единици ќе го прегледуваат стадионот два часа пред мечот за да спречат евентуално несакани последици на мечот кој со нетрпение го очекува целиот свет.