Нејмар: Може(би) повеќе нема да играм за Бразил!

Најскапиот светски фудбалер и првак ѕвезда на „кариоките“ Нејмар најави дека е можно да стави крај на репрезентативната кариера после болната елиминација на пенали на првиот фаворит Бразил на ова СП во Катар, откако Хрватска им го урна сонот за шеста светска круна.

Нејмар веќе подолго време е на удар на јавноста и медиумите, а откако не дочека шанса за да шутира пенал, го распнаа дека „бегал од одговорност“, но фудбалерот на ПСЖ е посебно на удар поради политичката поддршка на екс-претседателот Болсонеро, па сега најави дека ќе размисли дали да продолжи да игра за Бразил.

Тој вчера со голот против Хрватска го достигна Пеле со 77 гола за репрезентацијата, ама можно е да остане на оваа кота и да не го надмине најголемиот Бразилец на сите времиња.

„Не гарантирам дека ќе се вратам во селекцијата на Бразил. Морам малку да размислам што е добро за мене и за репрезентацијата. Можеби никогаш веќе нема да играм за Бразил“, рече Нејмар.